Фондација Елеуса

Сподели

Херој е обичен поединец кој наоѓа сила да истрае и да издржи и покрај огромните препреки. Ваквите херои најчесто се тивки, несвесни за својата присутност. Таква е нашата 18-годишна хероина, која никогаш не потрчала, не потскокнала, не изодила ниту чекор. Врзана за својата количка, последните години ги минува и затворена меѓу ѕидовите на својот дом на највисокиот кат од зградата без лифт. Приказната за неа и нејзината самохрана мајка ја раскажаа добронамерници во Елеуса Фондација. Никој од нас не остана имун на потресното сведоштво и двојната мака, ем да се носиш со неподвижноста, ем да не можеш да го прошеташ чедото да го почувствува и помириса денот и да ја поздрави ноќта. Од денес, ова семејство тргнува од нов почеток. Не можеме да го смениме правецот на ветрот, но заедно можеме да ги прилагодуваме едрата да стигнат на саканата дестинација. Затоа им благодариме на градоначалникот Костадин Костадинов, на советниците од Советот на Општина Струмица кои финансиски ја потпомогнаа набавката на гасеничарот, но и на сите наши хумани граѓани кои донираат на сметката на Елеуса Фондација, и со тоа ги поддржуваат ваквите хумани активности. А на нашата хероина и посакуваме да го држи лицето секогаш кон сонцето, за сенките да паднат позади неа!