Категорија: Културни настани

Фондација Елеуса

Сподели

Од отворањето на изложбата „Во мир и тишина“ на о.Гаврил во Штип
-Самиот наслов „ВО МИР И ТИШИНА“ буди некое чувство на спокој. Велат фотографите говорат на свој јазик, па јас денес ќе говорам на јазикот на фотографијата, но и како македонист, ќе ја употребам моќта на анализата.
Фотографијата е цртање со светлина, а светлината е дел од сечиј живот, сечија душа. Светлината се наоѓа насекаде околу нас. Токму таа светлина Отец Гаврил успеал да ја наслика на своето фотографско платно која ја насочил кон сите оние души кои светат со зракот на сонцето. Тој толку успешно ја открива бесконечноста што некако и безвременоста се надоврзува како ѕвезда што сјае во ноќта. Силни се вибрациите на молитвата што обитаваат низ сите фотографии. Се чувствува мирисот на темјан испреплетен со синестезијата на сетилата – да ги видиме звуците, да ги чуеме боите.
Така секој од нас треба да го пронајде својот мир, својата тишина, својата душевна синестезија. Токму низ овие фотографии го доживуваме тој сплет од чувства преку кои сме во допир со природата и Создателот на сè видливо и невидливо. Идејата е да ја сакаме природата што повеќе, така сме поблиску до Творецот на истата. Така душата е спокојна, така сонот е мирен. Отец Гаврил говори преку симболиката на: воздухот, водата, земјата, сонцето, ѕвездите, месечината… Така создал едно широко поле за себепронаоѓање кое го насочува кон нас.
Низ ова фотографско патување се движиме по патот од мугра до ноќ. Сите нијанси на светлината која како светилник на битието ја рефлектира нашата внатрешна состојба е прикажана во својата пречиста форма.
Природата е главен сегмент во фотографиите. Овде звуците се всушност биежот и пулсирањето на емоцијата што расте и постојано се развива во светлина обоена во мир и тишина.
Маја Крстевска Коларова